Burnout: Невидливата борба на младите во свет со брзо темпо
28/06/2024

Пишува: Хана Лешниковска, студентка на Институт за психологија при УКИМ
Во последната деценија, се повеќе се промовира забрзаниот начин на живот, кој што е резултат на модерното капиталистичко општество. За да функционираме во ова општество, принудени сме да го следиме овој тренд на живеење и честопати и непосакувано да потпаѓаме под социјалните притисоци. Ова ни носи низа предизвици и проблеми кои што, со текот на времето, стануваат дел од нашето секојдневие.
Обидувајќи се да стигнеме да ги извршиме нашите бесконечни обврски во ова ново темпо на живеење, почнуваме нив да ги ставаме како приоритет, па во овој процес се запоставуваме себеси. Кога овој процес трае подолг период, неретко е да доживееме burnout. Овој феномен се дефинира како психолошки синдром кој се карактеризира со чувство на емоционална исцрпеност, обезличување (цинизам или оддалечување од работата) и намалено лично достигнување (чувство на неефикасност или недостаток на постигнување) во работата или професионалната улога (Maslach, C., & Jackson, S. E. (1981). Иако burnout може да се доживее во било која возрасна доба, сепак, во последните години се повеќе се забележува дека таргет група се младите. Младите, кои се двигателите на иднината, имаат огромен екстерен притисок за совршена изведба на обврските. Истражувањaта идентификуваат различни фактори на ризик поврзани со burnout кај младите луѓе, вклучувајќи академски притисок, обем на работа, перфекционизам, недостаток на социјална поддршка и конфликти помеѓу работата/студирањето и личниот живот. Иако традиционално се поврзува со образованието и работата, овој притисок има влијание и во интерперсоналните односи на младите. Во македонската култура, каде што работата и семејните/пријателските обврски можат тесно да се испреплетат, исцрпеноста може да се влоши од општествените очекувања и економските притисоци. Ова е основата за истражување на повеќеслојната комплексна природа на burnout кај младите луѓе во Р.С.Македонија.
Како што напоменав погоре, ставањето на обврските пред себеси е неретка појава, која не самошто е токсична за здравјето на младите туку е и контрапродуктивна. Кога се јавува burnout, освен физичкото и менталното здравје, страда и самиот квалитет на нашите продукти. Сето ова доведува до опаѓање на продуктивноста и благосостојбата на личноста, а тоа резултира и до нарушување на целокупното здравје. Истражувањата покажуваат дека исцрпеноста кај младите луѓе е поврзана со негативни исходи како што се намалени академски перформанси, пониско задоволство од работата, повисоки стапки на отсуство од работа и зголемен ризик од проблеми со менталното здравје како депресија и анксиозност.
За да се избегне ова, важно е да се напомене важноста на одморот. Точно е дека, продуктивноста е важен аспект за развој на личноста, но за таа да биде ефикасна, потребен ни е и одмор. Истражувањата постојано ја нагласуваат важноста од правење паузи за одржување и подобрување на перформансите во различни домени. Редовните паузи помагаат во намалување на стресот и спречување на burnout. Тоа ја подобрува целокупната благосостојба и задоволството од работата. Контраинтуитивно, паузите всушност можат да ја зголемат и продуктивноста. Истражувањето на Хантер и сор. (2018) докажува дека вработените кои прават редовни паузи во текот на работниот ден пријавуваат поголемо задоволство од работата и поефикасно работат од оние кои работат континуирано без паузи. Освен продуктивноста, се подобруваат и когнитивните фукнкции, како што се меморијата, концентрацијата и креативноста. Освен одморот, постојат и други начини за ефикасно пребродување на burnout. Постојат разновидни техники за управување со стресот, а исто битно е и промовирањето на рамнотежа помеѓу работата и животот и поттикнувањето на здрави средини за поддршка.
Додека се движиме низ комплексноста на современото општество, разбирањето и справувањето со burnout кај младите луѓе е од суштинско значење за промовирање на нивното здравје, среќа и издржливост во свет кој се повеќе бара нешто. Решавањето на овој проблем во Македонија вклучува разбирање на нејзиниот културен контекст и развивање интервенции кои ги поддржуваат поединците во управувањето со стресот, поттикнувањето на издржливоста и промовирањето на целокупната благосостојба.
Оваа колумна не ги отсликува ставовите на Младински образовен форум.
Младински образовен форум не сноси никаква одговорност за погоре искажаните ставови.