About Image

Колумни

Почетна / Колумни

(Не)можност за младинско учество

20/05/2021


Пишува: Марија Крстевска

“Кога си опкружен со можности, една од најтешките работи е да ги пропуштиш.” – Достоевски

 

Во ова време на дигитални технологии и динамични општества, ни се нуди широк спектар на можности како да го искористиме нашето време. Понекогаш ни се чини дури и дека имаме избор од премногу можности, а контантно само 24 часа во денот, па неретко денес во борба со времето од желба да не испуштиме значајни можности, страдаме од синдромот на работна исцрпеност, професионално согорување или попознат по англискиот термин “burnout”.   

Нејсе, во оваа колумна нема да пишувам за овие последици, туку ќе се задржам на еден сегмент од можностите, а тоа е младинското учество. Поточно, за тоа колку е ова можност или неможност за младите во нашата држава.

„Младинско учество претставува процес кој им овозможува на младите учество и заедничко носење на одлуки за политики и програми кои директно или индиректно го обликуваат животот на младите” – вака е дефинирано младинското учество во Законот за младинско учество и младински политики којшто по долги перипетии се донесе во јануари 2020 година. 

Мене секогаш кога се спомнува терминот младинско учество ми текнува на скалата на Роџерт Харт. Нема да навлегувам во детали за секоја од скалите опишани во овој модел, ниту да елаборирам на долго за неговата (не)функционалност. Накратко зошто го спомнувам – затоа што колку и да е критикуван за сугерирање на хиерархија на степени на учество (примарно наменета да го објасни детското учество), сметам дека може да ни послужи како корисен инструмент, како мерило за функционалноста на некој процес на младинско учество, тригер да се запрашаме дали нашето учество во некој процес е значајно или можеби живееме во илузија и изманимулирани глумиме декор кој е исплатлив само за задоволување на дневнополитичките апетити. 

Врвот на скалата на учество е коменаџмент моделот, односно партнерство помеѓу младите и институциите, а тоа значи да се седне на маса како рамноправни страни во процесот и да се носат заеднички одлуки. На дното од скалата се дадени примери на неучество – манипулација, декорација и токенизам. Измеѓу се дадени неколку форми на учество кои се разликуваат во тоа кој го иницира процесот или колкаво влијание имаат субјектите врз одлуките кои се донесуваат. Не во секој процес најголем успех е да се биде на највисокото скалило. Понекогаш и не е важно кој го иницира процесот, туку како процесот се одвива и каков резултат се постигнува. Но, секако дека последно што би сакале е да бидеме дел од процеси каде што само навидум ќе учествуваме. Сè додека младите се присутни со слика без тон, стојат како статисти позади “важните ликови”во политички пропаганди и се последни на изборните листи не можеме да се пофалиме со значајно младинско учество. 

Поразителен е податокот дека дури 85% од младите никогаш не биле консултирани од властите, ниту на локално, ниту на централно ниво. Понатаму, едно ново истражување покажува дека 54% од средношколците никогаш не учествувале во решавање на проблем во нивната заедница.

За жал, многу често на младите се припишува епитетот апатични. Особено за политички процеси. Многу млади и навистина немаат желба да учествуваат во одредени процеси, но тоа е така затоа што многу често кај нас се меша терминот политика со партиска ангажираност и ваквата конфузија го создава тој игнорантен пристап кај некои млади. Но, исто така да не заборавиме и дека неретко сме биле сведоци на случаи кога навистина некои процеси стануваат партизирани и заглавени во бирократски лавиринти, што и не е толку тешко да се случи во ова наше поларизирано општество. 

Мора да се оттргнеме од флоскулата дека младите се иднината и дека нивното време допрва доаѓа. Не! Младите се иднината, но и сегашност и нашето време е и сега, веднаш, тука! Затоа што само ние младите знаеме најдобро кои се нашите потреби и можеме да предложиме решенија за надминување на проблемите со кои се соочуваме. Нам, младите, ни е место на иста маса со носителите на одлуки кога во прашање е нешто што нас нè засега. Ќе покажеме дека ние младите можеме, умееме и сме двигатели на промени.

 

Марија Крстевска – Претседателка на Национал младински совет на Македонија

 

Мај, 2021