Како ќе ми се бројат отсуствата од работа ако се заразам од Ковид -19? Дали треба да земам боледување, дали ќе ми се скратат денови од одмор или пак државата има некој друг систем кога станува збор за отсуство од работа поради заразеност од Ковид-19?
Прашање
Ме интересира како ќе ми се бројат отсуствата од работа ако се заразам од Ковид -19? Дали треба да земам боледување, дали ќе ми се скратат денови од одмор или пак државата има некој друг систем кога станува збор за отсуство од работа поради заразеност од Ковид-19?
Одговор
Во случај ако се заразите со вирусот Ковид – 19, потребно е да го остварите правото на боледување, односно отсуство од работа со надоместок на плата заради привремена спреченост за работа согласно Законот за здравствено осигурување.
Притоа, право на боледување имате независно од тоа дали имате симптоми на вирусот или сте асимптоматски носител.
Имено, доколку имате симптоми и сте заболени од Ковид 19, Вашето право на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа го остварувате согласно член 13 став 1 точка 1 од Законот за здравственото осигурување, за што лекарот ќе Ви издаде ИСР образец по основ на болест.
Доколку немате симптоми, но сте заболени од Ковид 19, Вашето право право на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа го остварувате согласно член 13 став 1 точка 9 од Законот за здравственото осигурување, за што лекарот ќе Ви издаде ИСР образец по основ изолираност заради спречување на зараза.
Надоместокот на плата за првите 30 дена спреченост за работа го утврдува и исплатува работодавецот од своите средства, а над 30 дена истиот паѓа на товар на Фондот за здравствено осигурување.
Повеќе информации по однос на оваа постапката можете да најдете во Известувањето за регулирање на боледувањето на вработени лица заболени од COVID – 19 (Коронавирус) како и вработени лица кои се во изолација заради спречување на зараза на Фондот за здравствено осигурување.