Дали ќе се запишуваме според поените од оценките на сведителства или доколку има приемен испит дали и ние кои ја положивме матурата треба да полагаме?
Прашање
Завршив средно образование лани и полагав државна матура и успешно ја положив. Но за жал лани не се запишав затоа што не бев примена за еден поен на Медицинскиот Факултет во Скопје. Годинава матурата се укина, па би сакала да знам дали ќе има приемен испит на МЕДФ во Скопје или ќе се запишуваме според поените од оценките на сведителства и доколку има дали јас треба да полагам и покрај тоа што имам матура?
Одговор
Владата донесе Уредба со која ги ослободи учениците од генерацијата 2019/2020 година да полагаат државна матура поради КОВИД-19 вирусот. Истите можат да се запишат со диплома за завршено средно образование.
Иако не се предвидени посебни квоти за учениците кои полагале државна матура изминатите години, во конкурсите за упис на некои од универзитетите утврден е посебен начин на бодување за кандидатите кои полагале државна матура во учебната 2013/2014 до учебната 2018/2019 година и за оние кои не полагале државна матура во учебната 2019/2020 година.
Така, според конкурсот за упис на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, критериумите се следни:
За кандидатите кои средното образование го завршиле во учебната 2019/20 година и не полагале матура согласно Уредбата со законска сила за примена на Законот за средното образование за време на вонредна состојба, освен пресметувањето на бодовите од точка 5.а.1, се пресметуваат и најмногу 40 поени од предметите кои се значајни за студиската програма, и тоа: збирот од оценките од секој од двата предмета значајни за студиската програма (Прилог 1) се дели со бројот на оценките (независно во колку години предметот се слушал во средното образование) и вака добиениот среден успех, за секој предмет одделно, се множи со 4. По оваа основа може да се добијат најмногу 20 поени за еден предмет, односно вкупно 40 поени за двата предмета.
За кандидатите кои полагале државна матура во учебната 2013/2014 до учебната 2018/2019 година бодирањето на успехот постигнат при полагањето на државната матура носи најмногу 40 поени и се врши на следниов начин: За трите екстерни предмети: – За кандидатите кои на државната матура полагале екстерен предмет кој е соодветен за студиската програма на која конкурираат, кон оценката од секој екстерен предмет се додава перцентилниот ранг на кандидатот (изразен во проценти) за содветниот предмет поделен со 20. – За кандидатите кои на државната матура полагале екстерен предмет кој е несоодветен за студиската програма на која конкурираат, поените од тој предмет, добиени според горната методологија, се множат со фактор 0,5. По оваа основа можат да се добијат најмногу 30 поени за трите екстерни предмети. За интерниот предмет: – Оценката од интерниот предмет кој се полага на државната матура, а кој е соодветен за студиската програма на која кандидатот конкурира, се множи со коефициент 1,2. – Оценката од интерниот предмет кој се полага на државната матура, а кој е несоодветен за студиската програма на која кандидатот конкурира, се множи со коефициент 0,8. По оваа основа можат да се добијат најмногу 6 поени за соодветен, односно 4 поени за несоодветен интерен предмет. За проектната задача: Оценката добиена на проектната задача се множи со коефициент 0,8. По оваа основа можат да се добијат најмногу 4 поени.
И во двата случаи, кандидатите во овој дел можат да добијат најмногу 40 поени.