Дали можам да формирам хуманитарна организација?, Весели
Прашање
Сакам да основам хуманитарна организација што ќе служи исклучиво за помош на социјално загрозени семејства? Каква е процедурата и кои услови треба да бидат исполнети?
Одговор
Хуманитарните организации и нивната работа се регулирани со Законот за фондации и здруженија и се сметаат за организации кои вршат дејност од јавен интерес. Организациите со статус од јавен интерес покрај даночните и царинските олеснувања утврдени во членот 7 став (2) од Законот, имаат дополнителни даночни и царински олеснувања во согласност со закон. Најпрво, мора да основате здружение или фондација чија регистрација најчесто ја прави адвокат, но можете тоа самостојно да го сторите и преку веб страната на Централниот регистар https://www.crm.com.mk/. Потоа се поднесува барање. Барањето за добивање на статус на организација од јавен интерес се поднесува до Владата на Република Северна Македонија преку Комисијата за организации со статус од јавен интерес. Ако се утврди дека барањето не е комплетно, Комисијата ќе го повика подносителот на барањето и ќе му определи рок од 15 работни дена да постапи по укажувањето. Ако во рокот здружението или фондацијата не постапи по укажувањето, барањето ќе се смета дека не е поднесено.
При тоа, за да се добие статус на организација од јавен интерес, треба да бидат исполнети следниве услови:
– да се регистрирани согласно одредбите на Законот за здруженија и фондации,
– дејноста од јавен интерес е главна приходна шифра во работењето на организацијата,
– работењето и дејствувањето е насочено кон пошироката јавност и кон интересите на
заедницата,
– има потребна организациска структура согласно Законот за здруженија и фондации,
– има кадровски капацитети потребни за дејност согласно со законот,
– има соодветни финансиски ресурси, односно вкупна вредност на имотот или годишен приход од минимум 1.500 евра во денарска противвредност според курсот на Народна банка на Република Северна Македонија,
– има пропишано правила за судир на интереси и за обезбедување на транспарентност и јавност во работењето и
– не е во стечај или ликвидација и нема блокирана жиро сметка.
Хуманитарните организации имаат право на закуп на имот во државна сопственост без никаков надоместок, доколку имотот се користи за целите и задачите на организацијата.
Закупниот однос меѓу здружението на граѓани и државата се уредува со договор согласно со закон.