About Image

Прашања и Одговори

Почетна / Прашања и Одговори

Дали се менува статусот на стипендијата и алиментацијата при вработување на 17 годишна возраст?


Прашање

Дали средношколец ќе го изгуби правото на користење стипендија и алиментација доколку заснова работен однос со наполнети 17 години?


Одговор

Пред сè, согласно Уставот и законот за работни односи, лице над 15 години, може да заснова работен однос, доколку тоа не попречува на физичкото и менталното здравје, како и моралот на лицето.

Што се однесува до статусот на стипендија, при засновање на работен однос, законот за ученички стандард, посебните услови и критериуми за стекнување на правото на стипендија, ги остава на Министерството за образование и наука, кое ги наведува во конкурсите.

Согласно тоа, статусот на стипендијата, зависи од тоа за каков вид на стипендија станува збор. Доколку станува збор за стипендии за социјална поддршка на ученици, во која материјалната состојба на потесното семејство, е услов за стекнување на стипендијата, тогаш би се прекинало правото на стипендија.

Доколку станува збор за друг вид на стипендија, каде критериумот за стекнување, не е материјалната состојба, тогаш засновањето на работен однос, не влијае врз правото на стипендија. Други видови на стипендии за кои тука станува збор се:

  • стипендии за ученици со посебни потреби
  • стипендии за ученици – деца без родители
  • стипендии за талентирани ученици
  • стипендии за талентирани ученици – спортисти
  • стипендии за талентирани ученици – уметници
  • стипендии за ученици запишани во дуални паралелки
  • стипендии за ученици од прва година кои реализираат наставни планови и програми од електро-техничка струка, градежно-геодетска струка, угостителско – туристичка струка, земјоделско-ветеринарна струка, машинска струка или текстилно-кожарска струка
  • стипендии за ученици запишани во тригодишно стручно образование
  • стипендии за ученици од градежно – геодетска струка
  • стипендии за ученици од машинска струка
  • стипендии за ученици од текстилно – кожарска струка
  • стипендии за ученици од угостителско – туристичка струка
  • стипендии за ученици од земјоделско – ветеринарна струка
  • стипендии за ученици од електротехничка струка
  • стипендии за ученици од Математичко – информатичка гимназија
  • стипендии за ученици од Спортска академија
  • стипендии за ученици Роми

Во однос на алиментацијата, правото на издржување според Законот за семејство, трае до редовното завршување на школувањето, најдоцна до 26 години. Висината ја определува судот, врз основа на имотната состојба, способноста за работа, можноста за вработување, здравствената положба, како и другите околности од кои зависи оцената за потребите на лицето кое е примател на алиментацијата.