About Image

Прашања и Одговори

Почетна / Прашања и Одговори

Елена Скопје


Прашање

Каде да се пожалам за професори за кои сметам дека не предаваат, ниту оценуваат правилно. Веќе се обидов кај одговорните во училиште, но без успех, најверојатно се штитат меѓусебно.


Одговор

Здраво Елена,

доколку си незадоволна од некои од годишните оценки што ти се соопштени, имаш право во рок од 3 (три) дена од соопштувањето на оценките да поднесеш приговор до наставничкиот совет на јавното училиште.

Што претставува приговорот?

Правото на приговор значи правна можност за заштита на ученикот во случај кога смета дека нешто не е во ред, дека му е нанесена повреда или е оштетен со преземање или непреземање на определено дејствие. Со самото тоа што еден ученик ќе поднесе приговор до Архивата на училиштето, која истото ќе го завери дека го примила, а еден примерок останува кај ученикот како доказ дека поднел приговор, веќе никој не смее да го игнорира ученикот и мора да постапува по тој приговор.

Што содржи приговорот?

Во приговорот потребно е да ги објасниш причините поради кои си незадоволна од оценката. Во приговорот можеш да поставиш и барање за изземање на предметниот или друг наставник за да не биде член во испитната комисија доколку ти се одобри повторно проверување на знаењето, доколку докажеш дека е доведена во прашање непристрасноста на наставникот.

До кого се поднесува приговорот?

Приговорот уредно напишан и потпишан од ученикот, се поднесува во писмена форма до Наставничкиот совет во училиштето.

Што може да направи Наставно-научниот совет?

Наставничкиот совет може (врз основа на факти) да одлучи оценката да ја потврди, да ја измени или да организира повторно проверување на знаењето. Одлуката донесена по приговорот на ученикот која е конечна, се изготвува во писмена форма со образложение во кое се објаснуваат причините за донесувањето на таква одлука.

Дали некој друг го надглегува работењето на училиштето?

Врз квалитетот на образовниот процес, ефективноста и примената на законите, другите прописи и општи акти од областа на образованието и воспитувањето, се врши просветен инспекциски надзор. Тоа значи дека државниот просветен инспекторат будно ги следи состојбите во училиштата и има широки надлежности. Меѓу нив е и можноста државниот просветен инспектор да предложи поништување на оценката и да определи повторна проверка на знаењето и оценувањето на учениците.

А дали некој ги оценува и наставниците?

Советодавниот сервис во овој случај ќе поднесе барање за слободен пристап до информации од јавен карактер и ќе ја побара ранг листата на отстапување од добиените показатели врз основа на добиените резултати од екстерното проверување на постигнувањата на учениците во средното образование. На овој начин може да се види како екстерното оценување ги оценува професорите.