Група студенти се соочува со прекршување на правото за финансиска поддршка за млади лица преку издавање на „Домашна платежна картичка“, кои се следните чекори кои овие студенти можат да ги преземат, како би го оствариле своето право на „Домашна платежна картичка“?
Прашање
Голема група од 550 студенти се соочува со прекршување на правото за финансиска поддршка за млади лица преку издавање на „Домашна платежна картичка“. Овие студенти иако ги исполнуваат сите услови наведени во Уредбата која го регулира издавањето, критериумите и користењето на ДПК, сепак не добија картичка, односно не беа додадени на списокот објавен на веб страната gov.mk. Откако беше објавен првичниот список, сите студенти поднесоа приговори заклучно со 15.6.2020, преку наведениот мејл од страна на Генералниот секретаријат на Владата, меѓутоа се уште немаат добиено одговор на овие приговори. Министерката за финансии објави дека сите приговори се разгледани, а само мал дел се усвоени, при што оваа група на студенти остана изоставена од списокот. Дополнително, оваа група не доби одговор за причините поради кои не е дел од групата на граѓани кои ќе добијат ДПК.
Прашањето ни е, кои се следните чекори кои овие студенти можат да ги преземат, како би го оствариле своето право на „Домашна платежна картичка“?
Одговор
Со оглед на тоа дека формално немате добиено одговор дека вашите приговори се одбиени и не се усвоени, најпрво треба да побарате од Министерството за финансии да ви достави писмено решение кое што ќе биде образложено како постапиле по вашите приговори. Исто така можете да пратите уште еден поднесок до Министерството за финансии со кој ќе го известите дека сеуште не е постапено по приговорот кој што сте го поднеле и дека сеуште немате добиено одговор на истиот.
Тимот на правници на Советодавнот сервис за права на млади се соочи со многу дилеми и препреки за да стигне до одговорот, кој всушност не е целосен одговор. Затоа почустввуавме потреба да дадеме дополнително објаснување кое можете да го прочитате подолу.
Одговорот на прашањето е комплексен затоа што институциите немаат јасни информации на кои би можеле да се повикаме.
Она што досега го утврдивме е следново:
По разгледување на опциите за поднесување на правен лек, со тоа што првично треба да се утврди за каков приговор станува збор и каде истиот е уреден, дојдено е до следните заклучоци:
Со Уредбата со која се регулира домашната платежна картичка не се предвидени правни лекови, по разгледување на приговорот предвиден со Законот за општа управна постапка како правен лек против реални акти.
Така, согласно член 118 став 1 од законот, против реален акт или негово пропуштање, странката може да изјави управен приговор до јавниот орган кој го преземал или не го преземал реалниот акт, ако странката тврди дека нејзините права или правни интереси се повредени од тие дејствија или неизвршувањето на дејствијата.
Реален акт е дефиниран како акт или дејствие на јавниот орган што не е управен акт или управен договор, што може да има правно дејство врз правата, обврските или правните интереси на некое лице, како што се јавните информации, примање изјави, водење евиденција, издавање уверенија, дејствија на извршување и други фактички дејствија.
По однос на ова, проблематично е што под поимот “јавен орган” во ЗОУП не е наведена Владата, како што тоа е случај со Законот за управните спорови, па се поставува прашањето дали актите на Владата подлежат на овој закон.
Доколку станува збор за овој правен лек, согласно одредбите од член 119 став 3 од ЗОУП јавниот орган одлучува по приговорот со управен акт најдоцна во рок од 15 дена по прием на истиот.
Управен акт е дефиниран како поединечен акт на јавен орган кој е донесен врз основа на закон со кој се решава за правата, обврските и правните интереси на странките. Управните акти можат да бидат насловени како решение, одлука, наредба, лиценца, дозвола, забрана, одобрение или други.
Следно спорно прашање е дали е воопшто се донесени одлуки по приговорите или истите се донесени, но не им се соодветно доставени на подносителите.
Со Законот за управни спорови предвидена е можност да поднесување на тужба до Управниот суд поради недонесување на управен акт од страна на управните органи во законски предвидениот рок.
Согласно одредбата од член 26 став 2 од ЗУС предвидено е дека кога се поведува управен спор поради недонесување на одреден акт во пропишаниот рок (молчење на управата), тужбата се поднесува во рок од 30 дена по истекот на законски утврдениот рок за донесување на актот, па доколку го имаме предвид приговорот од член 118 од ЗОУП овој рок е изминат.
Согласно став 3 кој ја покрива втората опција, предвидено е дека кога актот не и бил доставен на странката во согласност со пропишаните правила за достава, тужбата може да биде поднесена во рок од 30 дена од моментот кога странката дознала за одлуката, но не подолго од една година од денот на донесување на актот, па може да се разгледа дали истото би можело да биде од корист зависно од конкретната фактичка состојба.
Секако, треба да се има предвид дека такса за поднесување на тужба до Управниот суд изнесува 480 денари.
Секако не е исклучена опцијата за барање за донесување на формална одлука по пат на поднесоци и/или ургенции со што би можеле да имаме и конкретен акт и да поднесеме соодветен правен лек против истиот во законски предвидените рокови.
Генералното прашање останува дали воопшто постапката по приговор е водена по некакви законски утврдени правила или истото е правено произволно од страна на Владата со оглед на состојбата со која се соочуваме.