About Image

Прашања и Одговори

Почетна / Прашања и Одговори

Како се основа невладина организација?


Прашање

Како се основа невладина организација? Заинтересирана сум за основање на невладина организација за помош на млади лица кои се соочуваат со анксиозност и депресија, која е процедурата за отварање на вакво здружение?


Одговор

Здружение можат да основаат најмалку 5 основачи, физички или правни лица од кои тројца од основачите мора да имаат живеалиште или престојувалиште, односно седиште на територијата на Република Северна Македонија.  Здружение на граѓани може да основаат и малолетни лица со навршена 15-годишна возраст преку изјава за согласност за основање на здружение од нивниот законски застапник, за целите за кои се основа здружението во согласност со закон.

Задолжителни органи кои мора да ги има едно здружение се собрание на здружението (кое се состои од сите членови) и застапник на здружението.

 

Постапката за основање на здружението се одвива пред Централниот регистар на Република Северна Македонија со поднесување на Пријава во хартиена форма на пропишан образец (доставен во прилог) при што потребно е да се поднесат следните документи:

  • Акт за основање;

  • Статутот  и Одлука за усвојување на Статутот;

  • Одлука за избор на органите и податоци за членовите на органите ;

  • Одлука за избор на застапник по закон на здружението;

  • Записник од основачко собрание или извештај за основањето;

  • Програма за дејствување;

  • Фотокопија од лична карта за основачите;

  • Извод од регистар доколку основач е странско правно лице;

  • Фотокопија од лична карта за застапникот/застапниците по закон;

  • Изјава од основачите дека не им е одземена деловната способност;

  • ЗП образец;

  • Одобрение од Министерство за правда на РМ доколу во името на здружението е содржан зборот „Македонија” и зборовите изведени од него, како и неговите кратенки;

  • Одобрение од надлежниот орган на Општината, односно Град Скопје, ако во името на здружението се содржани зборови со името на Општината, односно Град Скопје.

 

Потребните обрасци можете да ги најдете на следниот линк https://www.pravdiko.mk/registrirane-na-zdruzhenie-na-gragani-obrastsi/.

 

За постапката за основање се плаќа надоместок во корист на Централниот регистар во висина од 2.452,00 денари.