About Image

Прашања и Одговори

Почетна / Прашања и Одговори

Која е разликата помеѓу вонредна и кризна состојба?


Прашање

Која е разликата помеѓу вонредна и кризна состојба? Дали некое од овие две нужно значи и полициски час? 


Одговор

Кризна состојба се прогласува при ризици и опасности кои можат да ги загрозат добрата, здравјето и животот на луѓето и животните и безбедноста на државата, за чија превенција или справување е потребна употреба на поголем обем на ресурси. Во кризна состоба, законот ѝ овозможува на Владата да носи oдлуки за употреба на ресурсите на органите на државната управа, органите на општините и на градот Скопје, како и за управување со нив во случај на кризна состојба. Исто така, за време на кризната состојба можат да се употребат и ресурсите на јавните претпријатија, установи и служби, како и на трговските друштва кои се од посебно значење за работа во кризна состојба, во согласност со закон. По барање на Владата, врз основа на договор склучен со Центарот или доброволно, можат да се употребат и ресурсите на граѓаните и други правни лица. Законот предвидува дека со дел од своите сили може да учествува и Армијата во поддршка на полицијата, во услови кога со кризната состојба е загрозена безбедноста на земјата, а органите на државната управа немаат соодветни ресурси и средства за нејзина превенција и справување.

Одлука за прогласување на кризна состојба донесува Владата, така што кризната состојба не може да трае подолго од 30 дена. Доколку има потреба да биде надминат овој период, односно состојбата да трае подолго, Владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот или да предложи прогласување на воена или вонредна состојба.

 

Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии. Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници. Во вонредна состојба Владата е овластена да носи уредби со законска сила.

 

Главната разлика помеѓу кризната и вонедната состојба се состои во тоа што вонредната и кризната состојба овозможуваат справување со состојбата на различен начин, така што во кризна состојба на Владата и е овозможено користење на дополнителни ресурси со цел справување со ризиците, додека за време на вонредна состојба Владата има на располагање дополнителни правни механизми, односно има право да донесува уредби со законска сила, кои овозможуваат поголема ефикасност при управување со состојбата. Имено, уредбите со законска сила самостојно ги донесува Владата без учество на Собранието, така што нивното донесување е значително побрзо споредено со времето потребно да се донесе одреден закон низ собраниската постапка.

 

Ниту кризната ниту вонредната состојба не подразбираат нужно воведување на полициски час. Полициски час може дополнително да биде воведен со посебна одлука на Владата, доколку биде проценето како потребно со цел справување со состојбата.