На кој начин може ученик во средно образование да заврши повеќе години во една година?
Прашање
Дали е можно, и ако да на кој начин може ученик во средно образование да земе повеќе години во една?
Одговор
Согласно Законот за средно образование, ученикот кој во текот на образованието во јавните училишта се истакнува со способности, знаења и работни навики и има одличен успех може побрзо да напредува односно да заврши две години во текот на една учебна година.
Услов за завршување на две години во една учебна годнина е учениците да покажале одличен општ успех најмалку во последните две учебни години од нивното образование.
За поуспешно подготвување на учениците кои се истакнуваат со способности и знаења, работни навики и имаат одличен успех и кои сакаат образованието да го стекнат за покусо време, училиштето организира групни и индивидуални форми на наставна работа.
Завршувањето на учебната година се остварува по пат на полагање на испити кои се полагаат по правило само еднаш во три испитни рока, односно април, јуни и август.
Доколку учениците добијат позитивни оцени по сите предмети предвидени со планот и програмата за видот на среднто образование во кое е запишан ученикот и ги исполнат барања предвидени со задолжителните изборни програми, односно од задолжителните активности, истите ја завршуваат годината на образование. Учениците, пак, кои нема да ги положат испитите по сите предмети за годината на образование, го продолжуваат образованието по редовна постапка.
Приватните училишта со посебен акт ги определуваат условите под кои ученикот може побрзо да напредува.
*врз основа на член 52 од Законот за средно образование и членови 29-32 од Правилникот за начинот на следење, проверување и оценување, полагање на испити и напредување на учениците во средното образование.