About Image

Прашања и Одговори

Почетна / Прашања и Одговори

Петар, Машински факултет – Скопје


Прашање

Студент сум на Машинскиот факултет при УКИМ и размислувам студиите да ги ставам една година во мирување поради друго професионално надградување. Што треба да направам и дали може подетално да ми го објасните процесот на ставање на студиите на мирување и што значи тоа за мене како студент? Дали ќе го изгубам местото во државна квота кога ќе се вратам на студиите и кои се можните проблеми што може да се појават кога ова ќе се случи?


Одговор

Согласно член 324 од Статутот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, на секој студент може да му мируваат обврските во следниве случаи:

  1. за време на бременост;
  2. со дете до 1 (една) година старост;
  3. за време на болест подолга од 1 (еден) семестар;
  4. поради семејни причини;
  5. за време на меѓународна размена на студентите во траење подолго од 30 дена во текот на одржувањето на наставата, доколку со наведената размена не се стекнуваат ЕКТС-кредити;
  6. за време на подготовка и настапи на спортски настани кога има статус на член на репрезентацијата на РепубликаМакедонија;
  7. неможност за исполнување на финансиските обврски;
  8. во други случаи за чија оправданост одлучува деканот, односно лицето овластено од него.

Во конкретниот случај, твоето барање за мирување на студиите би се подвело под точка 8, односно за истото треба да одлучи деканот или по негово овластување, продеканот за настава, по твое писмено поднесено барање и доставена соодветна документација.

Доколку за време на мирувањето на обврските настанат измени во студиската програма, ти ќе продолжиш да  студираш на изменетата студиска програма и си должен да ги исполниш обврските што претставуваат разлика помеѓу двете студиски програми.

За време на мирувањето на обврските, можеш да полагаш испити доколку за полагањето на тие испити си ги исполнил условите.

Исто така, имај во предвид дека си должен да го активираш студирањето во рок од 15 дена по истекувањето на настапувањето на причините за мирување.

Доколку пак не го активираш мирувањето, ниту, пак, запишеш година, односно семестар, ќе ти престане статусот на студент.

За времетраењето на мирувањето на обврските ти не си задолжен со финансиски обврски доколку ги имаш подмирено заостанатите финансиски обврски.