About Image

Прашања и Одговори

Почетна / Прашања и Одговори

Петар, Машински факултет – Скопје


Прашање

Како студент често пишувам семинарски и изработувам проекти за на факултет. Проектите се мои идеи бидејќи студирам индустриски дизајн и претпоставувам дека се моја интелектуална сопственост. Би сакал повеќе да ми објасните околу правото на авторство и дали сопственоста на проектот е моја, на факултетот или заедничка? Кои права ги имам јас како студент врз моите трудови за време на студиите и дали станува збор за коавторство бидејќи името на менторот (кој не те менторира) стои, како и факултетот на самите проекти/семинарски?


Одговор

Здраво Петар,

најпрвин законски да дефинираме што претставува авторско дело. Тоа е дело, во смисла на Законот за авторско и други сродни права, односно интелектуална и индивидуална творба од областа на книжевноста, науката и уметноста, изразена на кој било начин и форма.

Во самиот момент кога ти ги изработуваш тие семинарски задачи или проекти, стануваш автор на тоа дело и имаш авторско право на истите.

Ти ни кажуваш дека при изработката на разни семинарски и други проекти по некое правило соработуваш со т.н. ментор и во таа смисла може да се повикаме на еден член од горенаведениот закон кој вели дека авторското право на дело создадено во соработка на две или повеќе лица, им припаѓа на сите тие лица (коавтори).

За секое користење на тоа дело, потребна е согласност од секој од коавторите.

Во однос на начинот како можеш ти лично да се заштитиш доколку сметаш дека некој друг го злоупотребил твоето дело, постојат повеќе опции. Односно, повторно го користиме Законот за авторско право и други сродни права кои ни вели дека авторското право и сродните права уживаат кривична, граѓанска и прекршочна заштита.

Би сакале да те посоветуваме и во друга насока, имајќи ја предвид материјата која ти ја изучуваш на твојот факултет. Иако не сме доволно запознаени со творбите кои ти ги изработуваш, сепак сметаме дека може и ова да ти биде корисно.

Постои закон кој го регулира индустрискиот дизајн, односно тоа е Законот за индустриска сопственост. Согласно овој закон, ти можеш тоа што ќе го создадеш, доколку сметаш дека е нов, односно суштествено се разликува од некој што порано бил пријавен, да си поведеш постапка пред Државниот завод за индустриска сопственост и да бараш заштита на твојот индустриски дизајн. Доколку сакаш дополнително да те информираме за оваа постапка, слободно обрати се до нашиот Советодавен сервис кој секогаш е подготвен да одговори на поставените прашања.