Елена Кузмановска
Прашање
Уплатив за издавање на уверение за завршен циклус на студии и еве веќе 3 месеци го чекам истото, а ми треба за аплицирање за работа. Каде да се обратам?
Одговор
По извршената анализа на релевантните законски одредби по однос на горепоставеното прашање, ја утвдивме следната состојба:
1. Согласно Законот за општа управна постапка, издавањето на уверение претставува реален акт на органите, односно од содржината на одредбата од членот 4 од законот, цитираме: „Реален акт“ е акт или дејствие на јавниот орган што не е управен акт или управен договор, што може да има правно дејство врз правата, обврските или правните интереси на некое лице, како што се јавните информации, примање изјави, водење евиденција, издавање уверенија, дејствија на извршување и други фактички дејствија.”
Согласно член 102 став 2 од цитираниот закон, правен лек предвиден конкретно за постапката на донесување на реален акт е управниот приговор кој подетално е уреден со членовите 118 и 119 од законот.
Така, согласно членот 118 од законот: против реален акт или негово пропуштање, странката може да изјави управен приговор до јавниот орган кој го преземал или не го преземал реалниот акт, ако странката тврди дека нејзините права или правни интереси се повредени од тие дејствија или неизвршувањето на дејствијата.
Во однос на постапката по приговорот, во членот 119 е предвидено следното: (1) Постапката по приговорот против реални акти или нивно пропуштање ја спроведува посебна организационата единица или колегијално тело на јавниот орган кој го издава реалниот акт. (3) Јавниот орган решава за управниот приговор против реални акти или нивно пропуштање преку управен акт кој треба да се донесе и достави без одлагање, а најдоцна во рок од 15 дена по приемот на приговорот. (4) Против овој управен акт може да се поведе управен спор пред надлежен суд.
2. Предвид на изложените законски одредби од ЗОУП, во конкретниов случај со оглед на тоа дека органот – факултетот, по истек на законски предвидениот рок од 30 дена не го издал бараното уверение, односно не го донел реалниот акт, на располагање е правниот лек – приговор поради пропуштање на донесување на реален акт – уверение, кој што се поднесува до предметниот факултет, односно организациона единица на факутетот надлежната да постапува согласно актите на истиот, што најчесто е деканската управа.
Притоа, потребно е причините за поднесување на приговорот да бидат соодветно образложени, односно во случајов да биде наведен датумот на поднесување на предметот до факултетот, со цел потенцирање на протекот на временски период од 3 месеци во рамки на кои не е постапено од страна на истиот, а кое што постапување е спротивно на законот. При изготвување на приговорот, пожелно е да се наведе архивскиот број под кој е примен предметот во архивата на факултетот (врска) со цел полесно лоцирање на предметот и неговото движење во рамките на факултетот, како и утвдување на фактичката состојба.
Постапувајќи по приговорот, органот може да наложи донесување на уверението во краток временски период или самиот да го донесе истото.
Доколку од страна на органот не е постапено по приговорот во законскиот рок од 15 дена или истиот е одбиен, предвиден е уште еден правен лек, односно тужба до Управниот суд согласно горецитираниот член 119 од ЗОУП, а последна инстанца во постапката е жалба против пресудата на Управниот суд до Вишиот управен суд.