About Image

Колумни

Почетна / Колумни

Право на некорумпирано високо образование

28/06/2021


Пишува: Ева Цветковска

Се мислев долго што да пишувам, да не е некоја тема што е веќе опфатена, да не навлезам во туѓ домен, да бидам конструктивна, и на крај смело одлучив дека ќе пишувам за област во која институциите не нудат доволно механизми за заштита на нашите права, а на хартија ги имаме. Можеби мојот текст нема да понуди конкретно решение и совет, но се надевам дека ќе ги отвори нашите очи и ќе го разбуди револтот во младите срца, да се избориме за нашите права и да го изградиме потребниот механизам за нивна заштита.

Академската заедница, иако е автономен ентитет, не е комплетно изолиран остров на кој не му влијаат општествените текови. Корупцијата и нашиот однос кон неа е плод на општите сфаќања и култура, како и воспоставените социјални односи помеѓу луѓето. Па така, општоприфатените стандарди на однесување се рефлектираат како во огледало и во академската заедница. Ова се јавува заради инерцијата и навиката на населението да добива услуги од јавните институции со коруптивни дејствија. Нивната општоприфатеност и честост предизвикува луѓето да не перцепираат дадени однесувања како коруптивни воопшто, туку како дел од вообичаеното и секојдневното.

Најшироката дефиниција за корупцијата во високото образование вели дека тоа е злоупотреба на авторитет со цел добивање материјална придобивка, и опфаќа злоупотреба на јавна позиција или доверба за лични и приватни цели.

Прво, основниот проблем во оваа област е недостатокот на истражувања и анализи на проблемот на корупција во високото образование, и последователно, недостатокот на национална стратегија и мерки за борба против истата. Располагаме со стари податоци и недоволни информации, кои оневозможуваат да ја согледаме целосната слика и да понудиме решение. Еден од суштинските проблеми кој стои на патот против борбата со корупцијата е нејзиното непрепознавање како таква. Студентите не ги знаат своите права, па оттука имаат и потешкотија да разликуваат коруптивно од некоруптивно дејствие. Затоа, стартната линија на овој борбен фронт е едукација.

Накратко, причините ради кои се јавува корупцијата во високото образование се слабиот економскиот развој на една држава, што предизвикува две насочни последици. Од една страна студентите се во трка за полесно и побрзо добивање диплома, со цел што побрзо позиционирање на пазарот на труд, а од друга страна демотивираност од страна на академскиот кадар и професорите кои сметаат дека се недоволно платени за својот труд. Понатаму, влијанието на политичките партии во секој сегмент од нашето општество и фактот што сме земја на транзиција, дотолку повеќе придонесува кон општа недоверба во системот и јавните услуги, што на крајот создава плодна почва и прекрасни услови за корупција. Сето ова се врти во еден маѓепсан круг на краткорочна придобивка, која само ја продлабочува сиромаштијата која генерира корупција. Високото образование претставува исклучително важна јавна област чии основни функции се продукција на способен работен кадар кој би придонесувал кон економската стабилност и раст во една држава, и градење на етички и морални вредности кај младите, и нивните погледи и сфаќања за светот. Па така, го учиме младиот кадар кој по скратен пат ја зел својата диплома, дека нема потреба доволно да се посвети на квалитетот на своите вештини и знаења, и дека работите можат, и вообичаено одат преку снаоѓања и кратенки.  

Еден од најчестите облици на корупција во високото образование, кој студентите не го ни препознаваат како корупција и поткуп, е задолжително купување оригинални книги како услов да се положи испит, да се добие потпис или повисока оцена. Понатаму, непотизмот во однос на положување и оцени, моделот на финансирање на факултетите, и неефективната евалуација на кадарот, во која не е ни вклучено прашањето за перцепција и сведочење на коруптивни дејствија, дополнително придонесуваат кон игнорирање и затскривање на оваа појава.

Според истражувањата кои се спроведени, трите причини заради кои студентите не пријавуваат коруптивни дејствија се: прво бидејќи немаат доверба и надеж дека тоа би сменило нешто, второ стравот од одмазда и трето зашто воопшто и не знаат каде да пријават.

Конечно, чекорите кои мора да се преземат се сензибилизација и едукација од една страна, и воспоставување на засебен орган за пријавување и постапување по однос на коруптивни дејствија на секој факултет од друга. Студентите мора да се запознаат со своите права, но мора да им бидат обезбедени и услови комотно да ги уживаат. Студентските денови не се лесни кога треба да се замараш да полагаш испити и да работиш истовремено. Надлежните мора да им ја обезбедат максималната финансиска комоција на студентите, и да им дозволат на раат да си ги полагаат испитите, а не да ги ставаат во позиција на трка за брза диплома. Надлежните исто така мора да обезбедат комоција и соодветни услови за мотивирање на професорите и академскиот кадар. Паралелно со ова, воспоставување на тело на секој факултет кое ќе биде специјализирано во областа на регистрирање и постапување по корупција, тело со интегритет и исполнително во својата работа, ќе влее доверба во студентите да се охрабрат да пријавуваат, и на тој начин ќе зачекориме напред кон искоренување на овој феномен.

Моментално единственото тело кое е предвидено со Законот за високо образование во оваа насока е лице овластено од страна на Универзитетскиот Сенат за прием на пријави корупција. За жал студентите не ни знаат дека ова лице постои, ниту како да му се обратат. Дополнително, фактот што вакво лице нема на секој факултет засебно, туку на универзитетско ниво го прави уште толку подалечно за студентите. Сепак, ги охрабрувам студентите да се распрашаат за овластеното лице за прием на пријави за корупција на својот универзитет, и да не се плашат да пријават. Ги охрабрувам да се обратат на студентскиот правобранител и студентските собранија. Ги охрабрувам гласно да зборуваат на оваа тема, зашто нашиот глас е чекор напред кон промената.

 

Ева Цветковска – Претседателка на Универзитетско студентско собрание при УКИМ

 

Јуни, 2021