About Image

Колумни

Почетна / Колумни

Признавање на средношколците како посебна група: чекор кон зголемување на нивните права во училиштето и во општеството

13/08/2021


Пишува: Лука Павиќевиќ

Дефинирање на групата

Што значи да се биде средношколец, односно средношколка? Иако прашањето делува едноставно, македонската легислатива ќе ни даде повеќезначен, комплициран одговор. Конвенцијата за правата на детето [1], која Македонија ја има ратификувано, под „дете” подразбира: „човеково суштество кое нема навршено осумнаесет години на животот” (дел 1, член 1). Членот 3 во Законот за млади [2] „младите” ги дефинира како „лица на возраст од 15 до 29 години”. Од друга страна, пак, Законот за средно образование [3] препознава само „ученици”. Така, законите коишто најдиректно ги тангираат средношколците говорат за ученички стандард [4] и ученички стипендии [5]. Ретко официјално се употребуваат зборот „средношколец” и неговите придавки-изведенки.

Четирите години средно образование најчесто опфаќаат ученици на возраст од 15 до 18 години, а знаат да се јават и по некои со 14 или пак со 19 години. Ако ја следиме дефиницијата според Конвенцијата, дел од средношколците се деца, а дел не се. Дел го имаат правото на глас (најчесто матурант(к)ите), додека дел сè уште не можат на тој начин да се вклучат во граѓанскиот живот. Според Законот за млади, скоро сите средношколци спаѓаат во категоријата на „млади”, со исклучок на тие кои тукушто го напуштиле основното училиште за да почнат да пишуваат ново поглавје во нивните животи. Меѓутоа, дали едно 16-годишно „дете” чијшто родители му дале „излез” до 23 часот може да се спореди со докторантка на Правниот факултет? Или со младиот работник којшто веќе има неколку години работно искуство?

Средношколците се комплексна група

Од регулаторна гледна точка јасно е дека сегашниот законодавач тешко ја препознава уникатната положба на средношколците. Сите средношколци не можат да биде деца ако значаен дел од нив имаат право на глас, на сопствена возачка дозвола, на склучување брак, на основање свој бизнис, итн. Дали пак полесно се вклопуваат меѓу младите иако оваа група воглавно води самостоен живот: било тоа преку живеењето сами, активирањето во пазарот на трудот или студирањето при институции кои не организираат родителски средби? Значи, средношколците се ем деца, ем возрасни. Исто така, нивните искуства потешко се споредуваат со искуствата на младите кои го слават својот 29. роденден.

Дополнително, положбата на средношколците е комплексна и за самите средношколци. Поминувајќи го мостот што ги спојува детството и младоста, тие поминуваат и низ крајните фази на пубертетот. Го завршуваат градењето на сопствениот вкус и стил, се впуштаат во првите романтични и сексуални искуства, добиваат „осет” за политичките ставови кои ги негуваат. Автономноста пред родителите ја покажуваат што самите одат на летни одмори со друштво или со тоа што се грижат за помалите браќа и сестри во семејството. Сепак, ако сторат кривично дело, за нив одговараат родителите. На кратко: средношколците се повеќе свесни за своите потреби и одговорности во споредба со основците, но сепак општеството не ги смета за доволно зрели да водат независен и самостоен живот.

Транзицијата кон полнолетството подразбира обучување на средношколците за справување со новоздобиенот статус на граѓанин/ка, а нивната зголемена интелектуална активност резултира со желба за поголемо активирање во заедницата кое најчесто се преведува во одбивност и скептицизам кон слепото прифаќање на одлуките на начинот на којшто тие биле „сервирани”. Оттука се појавува потребата за законско прифаќање на концептот на средношколски права како компромис меѓу опшествениот консензус и невообичаената ситуација на средношколците.

Што се тоа средношколски права?

На европскиот континент постои организација наречена OBESSU, односно Организирачкото биро на европските средношколски сојузи. Замислете пандан на Европската унија, но наместо државите тука членуваат униите на средношколци. Во обид да ги сумира сите права кои средношколците ги поседуваат врз основа на фактот дека се средношколци (ова е одговорот на прашањето во поднасловот), OBESSU изготвува Декларација за средношколски права [6]. Декларацијата наведува 14 права кои им следуваат на средношколците, а тие се:

  1. Право на здружување преку ученички заедници (совети), национални структури и штрајк, т.е. бојкот на наставата;
  2. Право на учество во донесувањето на одлуки кои нив ги засегаат;
  3. Право на жалба;
  4. Граѓански права (анти-дискриминација и омбдусман);
  5. Право на квалитетно образование (тука е набројано и задолжителното граѓанско образование);
  6. Право на пракса и обука за работнички права во стручните училишта;
  7. Право на пристап до образование;
  8. Право на зачувување на културниот и личниот идентитет;
  9. Право на родова еднаквост;
  10. Право на флексибилен образовен систем;
  11. Право на соодветна училишна средина;
  12. Право на информација (за работите што ги засегаат);
  13. Право на интерни правила (кодекси) и
  14. Право на глобално образование преку програми за сексуално образование, за климатско образование…

Овие права не можат да бидат остварени преку нивно именување, туку нивното спроведување се должи на целокупната работа на системот. Состојбата во нашата држава варира. На пример, правото на зачувување на културниот идентитет се почитува не само преку изучување на мајчиниот јазик како еден предмет, туку и преку спроведување на целиот наставен процес на тој јазик. Меѓутоа, правото на информација скоро и да не постои, а соодветна училишна средина не може да има во училишта кои имаат полски тоалети. Учениците се плашат да се пожалат оти стравуваат од ретрибуција за ова дело, кое системот го нарекува „пркос”.

(За)клучното право

Состојбата со средношколските права ќе се подобри доколку ги внесеме во Законот за средно образование и доколку нивното спроведување на терен е будно набљудувано. Средношколците треба да бидат запознаени со нивните права, а во нивното почитување треба и самите да придонесат. За ова е клучно првото право, односно правото на здружување. Според мене, потребно е ново законско решение кое ќе им наложи на училиштата да основаат ученички совети, а тие совети да бидат демократски и ефективни во своето работење.

Средношколците ниту се целосно деца, ниту се целосно млади. Тие се мешавина од мали делови на обете групи. Средношколците имаат уникатна положба која треба конечно да биде признаена од државата преку препознавање и почитување на нивните права што им следуваат само поради тоа што се средношколци.

[1] https://www.google.com/url?sa=t&source=web&rct=j&url=https://www.unicef.org/northmacedonia/media/1806/file/MK_CRC_1990_MK.pdf&ved=2ahUKEwizoqCig6TyAhVBzaQKHcBGCjUQFnoECB4QAg&usg=AOvVaw3UPsrb7fjeRDW-Hu3KEPie

[2] https://dejure.mk/zakon/zakon-za-mladinsko-uchestvo-i-mladinski-politiki

[3] https://mon.gov.mk/download/?f=Zakon%20za%20srednoto%20obrazovanie.pdf

[4] https://mon.gov.mk/download/?f=Zakon%20za%20ucenickiot%20standard.docx

[5] https://www.radiomof.mk/objaveni-konkursite-za-dodeluvanje-na-uchenichki-i-studentski-stipendii/

[6] https://www.obessu.org/site/assets/files/1335/declaration_v1.pdf

 

Лука Павиќевиќ – Претседател на Сојузот на средношколци

 

Август, 2021