Со подигнување на свеста до одговорност преку Сеопфатно Сексуално едуцирање
27/12/2021
Пишува: Климентина Димовска
Ова не е првата, ниту пак ќе биде последна колумна во која ќе прочитате дека Сексуалното Образование се уште е табу тема во Македонија и покрај долгогодишните активности и напори на Х.Е.Р.А во имплементирање на овој тип на едукација во склоп на формалното образование во училиштата. Тука не станува збор само за кампањи кои ги промовираат бенефитите што ги нуди Сексуалното Образование на младите, туку стотици врснички едукции на млади низ училиштата и сервиси кои постојат нудејќи бесплатна правна и здравствена поддршка, без разлика на нивниот род, пол, националност, боја на кожа, место или социо-економски услови на живеење.
2021 година е веќе на крајот и ситно одбројува, но е година во која се одбележуваат 30 години од Глобалната кампања 16 дена активизам која се фокусира на подигнување на свеста за насилство врз девојчиња и жени. Со оглед на континуираната неказнивост на сите дела на насилство и фемицид, оваа година кампањата се фокусира токму на Фемицидот како најтешка форма на родово базирано насилство врз жената.
Пишувајќи ја оваа колумна се навраќам на моите тинејџ години и почетоците како едукаторка во полето на Сексуалното образование. Радио, кампањи, врснички едукации во училишта кои сме ги држеле со другите едукатори на млади кои биле на иста возраст како нас. Меѓусебно с(м)е се учеле. Тоа го согледувам и заклучувам навраќајќи се на многуте споделени искуства и дискусии. За многу работи- поврзани со нашето сексуално и репродуктивно здравје и права, за прв пат сме биле информирани и верувам дека останале цврство запечатени во некој енграм од нашиот мозок. И дека голем број на одлуки за нас, за нашите тела и нашиот идентитет се базирале врз основа на релевантни податоци и умешноста критички да расудуваме за одговорностите. Во пасусот кој следува ќе се задржам на едукациите, а, тоа се 2 училишни часа посветени за темата Насилство. И тоа изгледа некако вака…
Влегувате во училница со исшарани ѕидови од хамери и цртежи по ликовно. Просторијата е полна со ученици, машки и женски. Нивните родители потпишале согласност за да учествуваат два пати во неделата на некаква обука и чекаат само да започнете. И започнуваме без класично држење на лекција, туку низ различни работилници и активности. Не им прераскажуваме или држиме предавање, туку низ дискусија ги вадиме нивните ставови и дискутираме за реални ситуации на темата, за позадината која ја кријат истите, а, за тоа не сме биле свесни.
Фидбекот кој го добиваме од ставовите и искуствата на младите ни даваат слика за една состојба која не е ни малку наивна. Насилство. Врсничко насилство. Започнува во основните училишта и продолжува низ понатамошните степени на образование.
Резултатите од едно иницијално истражување спроведено кај нас велат дека девојчињата се почеста жртва од момчињата во пет од деветте испитувани начини на сексуално вознемирување- упатување гестикулации со сексуално значење (63% наспроти 22%), коментари за изгледот (61% наспроти 37%), ширење невистини поврзани со интимата (72% наспроти 60%), физички допири (47% наспроти 17%) и изложеност на шеги со сексуална содржина (45% наспроти 32%). Но, исто така и дека процентот на девојчиња кои повеќекратно се жртва на вознемирување е повисок отколку процентот на момчиња со истото искуство.
И додека некој го чита ова, сигурно ќе рече “па, вакви искуства се случуваа кога и јас бев дете, додека учев”. Да. Овие форми на врсничко вознемирување и насилство во училиште не се новост. Присутни се со децении и токму поради игнорирањето и немањето на знаење и начин со кои требало одговорните да се справат (а, во училиштата тоа се наставниците и педагозите) истото се провлекува и доживува како нормално, создавајќи погодна средина за покажување надмоќ. А, последиците се бројни. Почнувајќи од губење на самодовербата и депресивност, до прифаќање (интернализација) на пораките кои го чинат вознемирувањето, а кои играат долгорочна улога во психо-сексуалниот идентитет на жртвите. Во работилницата за Насилство, учениците честопати се повикуваат на предрасудата дека вознемирувањето се јавило заради сексуално возбудување, па ја дискутираме разликата помеѓу вознемирување и возбудување. А, најчестата предрасуда и дискусија која се јавува потоа е за тоа дали жртвата може да се смета за одговорна за вознемирувањето?
Не само младите, тенденцијата да ја обвинуваат жртвата кога станува збор за сексуално насилство ја имаат и возрасните. Причината за тоа најчесто е незнаењето, потребата да се верува дека на добрите девојки тоа не може да им се случи или потребата да се одржи машката доминација. Која и да е причината, за насилство нема оправдување. На двата часа кои се наменети за оваа компонента од ССО, учениците се едуцираат како да ги препознаат елементите на сексуално вознемирување, без разлика дали ги манифестира врсник или наставник/ возрасен во училиштето. Да знаат дека сексуалното вознемирување е дискриминација која се базира на родот и затоа е казниво и преку едукацијата да изградат негативен став кон сексуалното вознемирување и насилство.
Сексуалното образование треба да се одвива во текот на целиот образовен процес на учениците, со информации соодветни за развојот како и културната позадина. Тоа вклучува информации за пубертетот и репродукцијата, контрацепција, врски, превенција од сексуално насилство, слика за телото, родовиот идентитет и сексуалните ориентации и го посочува сексулниот развој на личноста како природен дел од развојот на човекот. Содржините на сеопфатното сексуално образование ги предаваат обучени едукатори. И истото е со релевантни информации поткрепени со докази за тоа што најдобро функционира за да се спречи несакана/ непланирана бременост и СПИ и им го овозможува правото на младите да добијат целосни и релевантни инфомации.
Свет без насилство и еднакви можности за жените и мажите е можен, и потребна е храброст и заедничка акција. Со индивидуални и колективни решенија низ предизвиците на кои продолжуваме да работиме до подигнување на свеста и остварување на визијата!
Пишува: Климентина Димовска
Декември, 2021