Улогата на младинските работници во поддршка на личниот и социјалниот развој на младите
08/10/2021
Пишува: Александра Петкова
Пред да се осврнеме на улогата на младинските работници во поддршка на личниот и социјалниот развој на младите, збор-два за тоа што претставува младинската работа.
Согласно Законот за младинско учество и младински политики, младинската работа претставува „организиран и систематски процес на едукација и поддршка на автентичниот развој на младите со цел остварување на нивниот целокупен личен, социјален и општествен потенцијал и нивно активно вклучување во заедницата“. Младинските работници можат да работат во различни работни средини во кои младинската работа може да биде примарна или секундарна дејност, како на пример граѓански организации, младински центри и клубови, младински советувалишта и сл. Во согласност со член 22 од Законот за младинско учество и младински политики, младинските работници се одговорни за работа со млади во младинските центри што се основаат, во соработка помеѓу општините и младинските форми на организирање.
Овде се наметнува прашањето: „Како да зачекориме по патеката и да станеме младински работници кои ќе го подджуваат личниот и социјалниот развој на младите?“
Како верификувана институција за образование на возрасните, Сојуз за младинска работа во декември 2020 година започна со спроведување на образовната програма за занимањето Работник со млади, верификувана од страна на Јавната Установа Центар за образование на возрасните во 2019 година, а со тоа во нашата држава ги имаме првите сертифицирани работници со млади. Ова е првата формално образовна програма, која засега претставува единствена можност за лицата кои работат или во иднина би сакале да работат со млади лица во младински организаци, организации за млади или други понудувачи на младинска работа.
Согласно Законот за младинско учество и младински политики, „младинските работници се квалификувани лица кои поседуваат компетенции за работа со млади луѓе спроведувајќи активности со кои се поддржува нивниот личен и социјален развој преку неформално и информално учење“.
Младинската работа ја спроведуваат младинските работници кои им помагаат на младите луѓе во нивниот личен и социјален развој со цел да станат активни членови на заедницата и учесници во процесите на донесување на одлуки. Всушност, младинската работа се стреми преку воспоставување на безбедна околина која создава многубројни можности за активно учество на младите и да ги зајакнат своите капацитети. Младинските работници треба да се стремат да лобираат и да се залага за промени кои ја подобруваат позицијата на младите лица во нивното општество.
За крај, младинските работници се тие кои практикувајќи ги методите на неформална едукација ги обучувааат, подучуваат, менторираат и ги советуваат младите лица, со што го поттикнувaат нивното активно учество во заедницата и целокупно, го подобруваат нивниот квалитет на живот!
Александра Петкова – Претседателка на Управен одбор при Сојуз за младинска работа
Октомври 2021