About Image

Колумни

Почетна / Колумни

Емпатијата во активизмот за ЛГБТИ права и еднаквост

15/09/2021


Пишува: Антонио Михајлов

Кога размислував за што да пишувам во колумнава, размислував каков ефект, какво влијание би сакал да има читањето на колумнава, и кон какви чекори ќе придонесе истото. Што би било тоа што младите, посебно младите ЛГБТИ+ луѓе во Македонија би ги заинтересирало, и заинтригирало за да го прочитаат текстот, и што би сакале тие да направат потоа? Бура од мисли и идеи ми дојде на ум.

Прво, се прашував зошто младите би сакале да знаат нешто повеќе за животот и предизвиците на ЛГБТИ+ луѓето во Македонија и пошироко. Што е тоа што ги врзува нив меѓусебе?
Второ, се прашував како може младите луѓе да се ангажираат во активизмот за еднакви права на ЛГБТИ+ во државата и пошироко? Што би ги мотивирало нив да се придружат во пошироката кампања за еднаквост и човекови права?
И трето, зошто токму младите ги таргетирам со текстов? Дали лежи некаков потенцијал во нив кој би водел кон некакви промени на микро и макро ниво? Ако да, каков е тој потенцијал, и како може оптимално да се искористи?

Да почнеме со ред. Стекнувањето на увиди од животните искуства на младите ЛГБТИ+ луѓе се случува секојдневно. Едноставен пример: тоа се случува секогаш кога некој/а ќе избегнува прашања од неговите/нејзините врсници/чки за сексуалноста, за интимноста, за љубовта. Тоа е првиот увид – некои од нас (ЛГБТИ+ луѓето) не се чувствуваат удобно да разговараат за тие теми со нашите најблиски другар(к)и, дали во или надвор од училиштето. Удобноста е тесно поврзана со чувствата на срам, на страв (можеби од одбивање, од потсмевање), на припаѓање кон некоја заедница. Во голем дел, младите ЛГБТИ+ луѓе го прикриваат сопствениот сексуален или родов идентитет во страв од исклучување од средината каде што живеат. Следствено, првите увиди од животните искуства на младите ЛГБТИ+ луѓе што некој/а надвор од таа заедница би ги добил, се најчесто поврзани со чувствата на срам, на страв, но и со искуствата на прикривање на сопствениот идентитет. Запознавањето на другите околу нас помага во запознавањето на самите себе, посебно кога станува збор за Друг/а кој/а не припаѓа или не ги следи вообичаените воспоставени норми на цисхетеронормативното и патријархално општество. Што би можел/а да направиш ти за да придонесеш некако кон намалувањето на чувството на срам и на страв кај твоите ЛГБТИ+ врсници? Кога зборувате за љубовта, може да ги прашаш дали имаат момче или девојка, сигнализирајќи дека ти е подеднакво важно дали тие сакаат девојки или момци. Кога забележуваш дека тие честопати седат во некој агол, осамени, пријди им, прашај ги како се, насмевни им се, покажи им дека си тука за нив, ако им требаш. Кога со другите сокласници/чки ќе разговарате за ЛГБТИ+ теми, обиди се да ги преиспиташ туѓите (под претпоставка) хомотрансфобични ставови, но и биди отворен/а за преиситување на сопствените ставови. Отворено адресирај ги навредите и говорот на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет (СОРИ) кај твоите врсници/чки, а ако продолжат, може и да ги предупредиш дека ќе ги пријавиш. Имај на ум дека вознемирувањето и говорот на омраза врз основа на СОРИ во јавниот простор се регулирани со закон и подлежат на казни.

Ти честитам! На ваков начин ти полека стануваш активист/ка за ЛГБТИ+ права и еднаквост, спонтано обзнануваш дека еднаквоста на сите ти е важна, без разлика на нивната сексуална ориентација, родов идентитет или полови карактеристики. Со ова доаѓаме и до одговор на второто прашање од погоре: како може да ги ангажираме младите во ЛГБТИ активизмот во земјава и пошироко. Имено, првите зачетоци во активизмот кај сите започнуваат во тој момент кога грижата за другиот ни станува важна, подеднакво како и грижата за себе. Кога туѓите потреби, туѓите нееднаквости, туѓите проблеми ни стануваат предизвик. Кога нашата емпатија ја прошируваме вон нашите вообичаени социјални кругови.

Нееднаквоста, неправдата, угнетувањето, опресијата не бираат само по идентитетските линии, како етничката и националната припадност, родот, сексуалната ориентација, итн. туку бираат и по нивото на свесноста за сопствената позиција, сопствениот капацитет и сопствената должност во градењето на похумано, подемократско, поправедно општество. Емпатијата помага сите да се чувствуваат засегнато за тоа што му се случува на секој/а поединечно, и доколку можат, да помогнат, да придонесат кон подобрување на положбата и остварувањето на правата. Емпатијата гради мостови помеѓу вообичаено непремостливите разлики. И тука може да го добиеме и одговорот на третото прашање: зошто ги таргетирам младите во текстов? Младите, по дефиниција, би требало да се бунтовници, да поседуваат сила, ентузијазам, желба за акција, за промена. Младите се носители на идеи, мисли, концепти и активности кои неретко ги преиспитуваат седиментираните норми, вредности и шаблони. И конечно, младите, по правило, би требало да покажуваат грижа за другите, необременета од очекувањата поврзани со профитно-ориентираното уредување на општеството засновано на интересите и целите на неговите моќни и привилегирани членови.

Предизвикот останува како тој потенцијал, таа грижа за колективното добро да ги трансцендира сите подеднакво во една заедница.

 

Антонио Михајлов,

Септември 2021