Волонтерска книшка
Прашање
Една недела водам борба со една госпоѓа која е вработена во подрачното одделение на Министерството за труд и социјална политика во Струга и се обидувам да ја убедам да ми издаде волонтерска книшка за моето волонтирање во невладина организација. Нејзиниот одговор беше дека таа не била правно овластена да издава волонтерска книшка на средношколец, односно морала да сум полнолетна за да почне да ми се брои стажот.
Јас упорно ѝобјаснував дека само волонтирам и тука нема никаков стаж, но таа ми се спротивставуваше во насока дека немам право да барам волонтерска книшка.
Ме интересира дали ова што таа го зборува има смисла и дали е точно?
Одговор
Здраво Златка,
согласно Законот за волонтерство, член 5, волонтер може да биде и малолетно лице со писмена согласност од неговите родители. Исто така со оваа писмена согласност волонтерот согласно овој закон може да склучи и договор за волонтирање што е всушност и основата за вадење на книшката. Штом може договор да склучи мора да се даде книшка бидејќи тоа е единствен документ за евидентирање на волонтерството. Во Скопје сме имале случаи кога се издавало волонтерска книшка и на малолетен така што не би требало да има некаков проблем.
Дотолку повеќе што не постои акт, документ или член што ограничува вадење на волонтерска книшка на малолетници. Ако ова ти го кажат по втор пат побарај им документ/акт кој што кажува дека тие не смеат да издаваат волонтерска книшка на малолетници.
Срдечен поздрав и слободно пиши ни повторно, доколку се јави потреба.