About Image

Прашања и Одговори

Почетна / Прашања и Одговори

Дац


Прашање

Што можам да направам кога дома ќе ми дојде барање за прекршочна постапка од ЈСП – Скопје за неплатен билет?


Одговор

Во случај кога контролорите на ЈСП – Скопје ќе констатираат дека патник се вози во автобус без билет можат да изречат парична казна (1000 денари) која треба да се плати во рок од 8 дена. Ако патникот не го плати бараниот износ и во дополнителниот рок од осум дена, Инспекторатот за сообраќај на Град Скопје може да поднесе Барање за поведување прекршочна постапка до Министерството за транспорт и врски пред Комисија за водење на прекршочна постапка.

Глобата за непоседување на билет во ваков случај предвидена во Законот за превоз во патниот сообраќај изнесува 50 евра.

Пред поднесување на Барање за поведување на прекршочна постапка, инспекторот мора да спроведе постапка за порамнување. Доколку во текот на постапката го признаете прекршокот, инспекторот ќе Ви издаде прекршочен платен налог заради наплата на глобата предвидена за прекршокот. Со потписот на платниот налог се смета дека се согласувате да ја платите предвидената глоба и ако ја платите во рок од 8 дена, должни сте да платите само половина од глобата.

Во спротивно, инспекторот поднесува Барање за поведување на прекршочна постапка. Прекршочниот орган, односно Комисијата пред донесување на Решение мора да Ве извести за постапката, при што можете да поднесете писмена одбрана до Комисијата во која ќе се изјасните за фактите и доказите во определениот рок.

Доколку Комисијата по испитување на предметот утврди дека сте го сториле прекршокот, истата донесува Решение со кое изрекува глоба во износ од 50 евра, Ве задолжува со трошоците на постапката и определува рок за плаќање на истите.

Против ова Решение имате право да поднесете жалба во рок од 8 дена по приемот на истото, преку Комисијата за прекршоци до Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.

Доколку не поднесете жалба или истата ја поднесете по изминување на рокот, Решението станува правосилно, така што ако доброволно не ја платите глобата во определениот рок, истата може да Ви биде наплатена присилно во постапка за извршување.