About Image

Прашања и Одговори

Почетна / Прашања и Одговори

Дали може класот да поднесе петиција/барање до училиштето за смена на професор?


Прашање

Дали може класот да поднесе петиција/барање до училиштето за смена на професор?


Одговор

Учениците во едно училиште имаат право да поднесат барање за смена на професорот по одреден предмет доколку постојат оправдани причини за тоа.

Учениците од класот, преку претседателот на класот (како претставник на класот) можат да поднесат жалба до Училишниот одбор на училиштето. Доколку повеќе класови сакаат да побараат смена на професор, тогаш може сите заеднички да поднесат една жалба.

(Училишниот одбор во училиштето е составен од 12 члена, и тоа: четири претставника од наставниците, три претставника од родителите, односно старателите на учениците, три претставника од основачот и по еден претставник од Министерството и од деловната заедница.)

 

Во жалбата треба да бидат наведени следните работи:

  1. За кој професор се однесува жалбата

  2. Од кого е испратена

  3. Детално образложени причини за истата

  4. На кој датум се поднесува жалбата и до кого (Училишен одбор)

  5. Жалбата треба да биде потпишана од учениците на класот (доколку жалбата е поднесена од повеќе класови, тогаш се потпишуваат претседателите на сите класови што ја поднесуваат жалбата)

Внимавајте: Жалбата поднесете ја во два примероци, од кој еден примерок треба да ви го вратат со печат дека истата е примена.