Наташа, Скопје
Прашање
Заедно со неколкумина останати ученици од мојата генерација сметаме дека сме оштетени од страна на агенцијата која ја спроведе училишната ексурзија и дека таа не ги спроведе во целост своите предвидени обврски. Каде и како може да се обратиме за да се пожалиме од начинот на кој беше спроведена ексурзијата откако заврши?
Одговор
Здраво Наташа,
Министерот за образование по предлог на Бирото за развој на образованието, носи Правилник за начинот на изведување на училишните екскурзии на учениците од средните училишта. Согласно овој Правилник, непосредно по организирање на екскурзијата, задолжително е поднесување извештај со оценка за изведувањето на екскурзијата и квалитетот на дадените услуги за време на истата.
Овој извештај се разгледува од страна на Наставничкиот совет и Советот на родителите, а го усвојува Училишниот одбор. Вашите родители се запознаваат со содржината на Извештајот на родителските средби и можат да дадат свое мислење или пак да приговараат доколку сметаат дека постои основана причина (како во вашиот случај кога директно вие како ученици сте биле оштетени од страна на агенцијата која ја организирала екскурзијата).
Во овој случај потребно е вие да им кажете на вашите родители, при разгледување на извештајот за изведување на екскурзијата дека можат да поднесат барање во име на учениците до директорот на училиштето, да го побараат договорот што е склучен со понудувачот (агенцијата) и да бараат училиштето да постапи согласно договорот склучен со понудувачот (агенцијата).
Училиштето е должно да постапува согласно погоре споменатиот Правилник, бидејќи надзор врз неговото спроведување врши Државниот просветен инспекторат и овластениот просветен инспектор на општината односно Градот Скопје.