About Image

Прашања и Одговори

Почетна / Прашања и Одговори

Каде можам да пријавам кога професор од факултет не ми одговара на мејл?


Прашање

Каде можам да пријавам кога професор од факултет не ми одговара на мејл?


Одговор

Со цел определување на начинот на одвивање на наставата, наставниот процес и студирањето, универзитетите донесуваат внатрешни акти во кои се уредени овие и други прашања.

Согласно Правилникот за условите, критериумите, правилата и постапката за запишување и студирање на прв циклус на студии и втор цисклус студии на УКИМ, на пример, со цел разјаснување на прашања од студиската програма, секој наставник и соработник е должен да одржува консултации со студентите четири часа седмично, а терминот за одржување на консултации се објавува на почетокот на семестарот. Отсуството во определениот термин за консултации наставникот е должен да го најави.

Оттука, доколку сте студенти на овој универзитет или студирате на универзитет со слична организација во поглед на ова прашање, а имате проблем да остварите контакт со наставникот по пат на е-маил комуникација, можете да се обратите до наставникот во неговото приемно време во кое истиот е должен да биде достапен за студентите.

Доколку наставникот не ја почитува оваа обврска, можете да дадете соодветна оцена за неговата достапност во текот на процесот на самоевалуација.

Имено, согласно Законот за високо образование, студентите имаат право да учествуваат во процесот на самоевалуацијата на универзитетот, односно процес кој опфаќа проценка на квалитетот на акдемскиот кадар, научноистражувачката дејност и студиските програми на универзитетот.

Конкретно делот на оценување од страна на страна на студентите се врши по пат на анкета која се спроведува на факултетите во втората половина од семестарот, односно учебната година.

Оттука, доколку имате основана забелешка на соработката и односот на професорот кон Вас како студенти, истата можете да ја интегрирате во анкетата и соодветно да го оцените професорот.

Согласно законот, оценката на студентите се зема предвид при напредувањето на наставникот во наставно-научно звање.

Истовремено, доколку сметате дека се повредени Вашите права како студент, можете да се обратите со поднесок до Студентскиот правобранител со опис на повредата сторена спрема Вас.