Каде можам да пријавам професори кои на предавање раскажуваат сексуални шеги или сексистички шеги?
Прашање
Каде можам да пријавам професори кои на предавање раскажуваат сексуални шеги или сексистички шеги?
Одговор
Секој студент кој што е запишан во високообразовна инститиција има право на заштита на личноста на студентот од злоупотреба и неговото достоинство. За жал, користењето на сексуални или сексистички шеги за време на предавањето доколку не е потенцирано спрема точно одредена личност не е регулирано како би се санкционирало доколку биде пријавен професорот. Меѓутоа, доколку лично се соочувате со сексуално вознемирување од страна на професор без разлика дали е пред поголема група на луѓе или не како студент имате право да го пријавите тој професор. Пријавувањето може да биде преку студентскиот правобранител на вашиот факултет (Студентскиот правобранител претставува студент или студентка чија примарна работа е заштита на правата на студентите. Тоа значи дека секој пат кога студентот или студентката смета дека се прекршени неговите/нејзините права, треба да се обрати кај правобранителот со цел решавање на конкретниот проблем.)
Воедно, сексуално вознемирување од страна на професор можете да пријавите и во Државниот просветен инспекторат (http://www.is.gov.mk/opshti-informacii-prosveten.nspx).
Во секој случај, како студенти имате право да го оцените професорот при процесот на самоевалуација, која факултетите се должни да ја спродедат на крајот на секој семестар. Имено, оценувањето од страна на студентите се врши во вид на анкета која ја добиваат студентите, каде имаат можност да оценат повеќе сегменти од начинот на изведување на наставата и извршување на обврските од страна на наставниот и соработничкиот кадар, а резултатите од евалуацијата се земаат предвид при нивен избор во звање.