About Image

Прашања и Одговори

Почетна / Прашања и Одговори

Колку од правен аспект се загарантирани нашите права доколку организираме бојкот и што сѐ претходно треба да направиме, со цел истиот да биде направен по сите прописи ?


Прашање

Со оглед на ситуацијата и најавените протести и бојкот на наставата, поради Државната матура за учебната година 2020/21, ме интересира дали легално можеме да организираме бојкот на наставата и притоа какви последици би можеле да очекуваме? Колку од правен аспект се загарантирани нашите права доколку организираме бојкот и што сѐ претходно треба да направиме, со цел истиот да биде направен по сите прописи ?


Одговор

Правото на протест и јавно изразување на мислата се едни од основните уставно загарантирани права преку кои можете да го изразите својот став за определени дејствија преземени од државата или правила воспоставени од истата. 

Правото на протест или јавно изразување на мислата не може да ви биде ограничено или забрането од страна на вработените во училиштата или министерството. Сепак, доколку вашето изразување на незадоволството сакате да го искажете, меѓудругото и преку отсуство од наставата, не е исклучена можноста да ви бидат впишани неоправдани изостаноци.

Доколку планирате да бојкотирате настава, односно да отсуствувате од училишните часови, ви препорачуваме претходно со писмен поднесок да го известите училиштетото за тоа односно класниот раководител и директорот на училиштето. Во поднесокот треба да наведете од кого е поднесокот, за што се однесува, кои се причините за тоа и во кој период ќе биде.

По однос на можните последици, согласно Упатството за начинот на изрекување на педагошки мерки во јавните средни училишта, во случај за неоправдано изостанување од училиштето може да ви бидат изречени усна опомена, писмена опомена или отстранување од училиште. 

Доколку имате 10 неоправдани изостаноци, а претходно не ви била изречена друга педагошка мерка, предвидена е усна опомена од страна на раководителот на паралелката. Најстрогата мерка, односно отстранување од училиштето е предвидена во случај на еидентирани повеќе од 25 неоправдани изостаноци во учебната година.

Сепак, во Упатството е наведено дека при донесување на педагошки мерки, меѓудругото, се земаат предвид побудите заради кои е направена повредата и околностите под кои повредата била направена, па во случај на опасност од санкции, можете пред органите на училиштето да ги образложите вашите побуди и причини поради кои сте се определиле за изразување на незадоволство преку бојкот на наставата.

Против Одлуката за отстранување од учииштето имате право на приговор во рок од 8 дена до органот на управување на училиштето.