Пријавување во Агенција за вработување
Прашање
Моето прашање се однесува за пријавување како активен барател во Агенцијата за вработување. Веќе еден месец се имам пријавено, мојата наредна пријава е на 10-ти мај 2014 година и тоа е сабота. Според нивната евиденција јас треба да се пријавам на 12-ти мај 2014 година (понеделник), меѓутоа ќе патувам оваа недела и нема да можам да се пријавам лично, тоа значи дека ќе бидам избришана од евиденцијата и немам право да се пријавам една година (без разлика дали имам или немам работа) и ќе се укинат сините картони. Се јавив да прашам дали може да се пријавам на 9-ти мај, меѓутоа не можело. Моето прашање е дали лично мора да се пријавам и колку пријавувањето има влијание на здравственото осигурување, односно дали целосно ќе биде укинато?
Одговор
Здраво Христина,
Пред сè, ти благодариме за интересот да се обратиш до Советодавниот сервис за права на млади и се надеваме дека ќе успееме да ти помогнеме во твојата ситуација.
Согласно правилата на АВРМ (Агенција за вработување на Република Македонија), за жал, пријавувањето мора да го направиш лично, на датумот кој ти е предвиден од самата агенција. Доколку го пропуштиш предвидениот рок, ќе бидеш избришана од евиденција. Во однос на вториот дел од твоето прашање, пријавувањето во АВРМ не е поврзано и нема влијание врз твоето здравствено осигурување, тоа го регулира ФЗО (Фонд за здравствено осигурување) и доколку регуларно таму си пријавена, тогаш ќе ти издаваат сини картони, или ако веќе имаш здравствена картичка ќе можеш да си ја користиш.