About Image

Прашања и Одговори

Почетна / Прашања и Одговори

Отварање на филијала на невладина организација


Прашање

Заинтересирани сме да отвориме филијала на невладина организација од Црна Гора во Македонија, која е постапката? 


Одговор

Регистрирањето на странски организации во Р.Северна Македонија е регулирано со Законот за здруженија и фондации.

Странските организации можат да дејствуваат во Република Северна Македонија преку подружница, канцеларија или друг организационен облик на странските организации кои имаат седиште на територијата на Република Северна Македонија. Организационите облици на странските организациии се основаат со акт на странската организација за нејзино основање во Република Северна Македонија. 

Актот треба да содржи име и седиште на странската организација која основа организационен облик, – целта на странската организација и целта на организациониот облик на странската организација и – име и седиште на организациониот облик на странската организација. Воедно, актот го потпишува овластено лице на странската организација и се заверува пред нотар.

Запишувањето во Регистарот се врши со пријава за запишување која се поднесува, непосредно, по пошта или во електронска форма во рок од 30 дена од денот на донесувањето на актот за основање, односно одлуката на странската организација за основање на организациониот облик на странската организација во Република Северна Македонија, а пријавата за запишување ја поднесува застапникот.

За запишување во Регистарот на организациониот облик на странската организација со пријавата се поднесуваат и други документи како:

 – заверена фотокопија на актот за основање на странската организација и заверен превод за регистрација во странската држава во која е основана или друг документ што потврдува дека организацијата може да дејствува

– заверена фотокопија на одлуката и заверен превод на одлуката на надлежниот орган за основање на организациониот облик во Република Северна Македонија

– фотокопија и заверен превод на статутот или друг соодветен акт, – програма за дејствување во Република Северна Македонија

 – заверена одлука и превод за изборот на органите со лични податоци на лицата кои членуваат во органите

 – заверен превод на одлуката и одлуката за избор на законски застапник со лични податоци, заверена фотокопија на исправата за идентификација на тоа лице и документ за регулиран престој, односно живеалиште во Република Северна Македонија и

 – заверен превод на одлуката за лице овластено од законскиот застапник за регистрација на организациониот облик на странската организација во Република Северна Македонија.

Централниот регистар на Република Северна Македонија е должен во рок од пет дена од денот на поднесувањето на пријавата за запишување да донесе решение за запишување во соодветниот регистар, а решението за запишување во соодветниот регистар се доставува до подносителот на пријавата во рок од три дена од денот на донесувањето на решението.

Доколку имате потреба од правна помош за регистрација на организацијата, можете да се обратите до адвокат за да ја води целата постапка пред Централниот регистар.