Предвремено полагање на испит
Прашање
Студирам на Факултетот за туризам и бизнис логистика во Скопје при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Јас сум студент кој ќе оди во Соединетите Американски Држави преку програмата Work and travel и барам предвремено полагање на испитите, пред моето заминување во САД. Разговарав директно со деканот во врска со ова мое барање и не ми беше дозволено да полагам пред време затоа што сум единствен студент кој е во ваква ситуација.
Одговор
Здраво Давид,
Пред сè, ти благодариме за интересот да се обратиш до Советодавниот сервис за права на млади.
Во статутот на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип не е уредено прашањето за предвремено полагање на испити или организирање на дополнителна испитна сесија по барање на студентите.
Од голема корист би било доколку ни кажеш на кој факултет студираш при Универзитетот Гоце Делчев-Штип. Оваа информација ни е потребна од причина што секој факултет или високообразовна установа при универзитетите има свој Правилник со кој поблиску се уредуваат начинот и условите за студирање, па можно е во овој документ да е регулирано ова прашање.
Тимот на Советодавниот сервис за права на млади истражуваше за тоа како е ова прашање уредено на другите универзитети во РМ и дојдовме до информација дека на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, има можност да им се дозволи на студенти предвремено да полагаат испити токму поради заминување во САД преку програмата „Work &travel“ во САД.
Студентите од овој факултет се обратиле до Студентскиот парламент кој во нивно име се обратил до Деканот на факултетот и предвремената сесија била одобрена.
Тоа што Советодавниот сервис за права на млади може да те посоветува да направиш е следново: Поднеси официјално писмено барање/молба до Деканатот во кое ќе наведеш дека бараш предвремено да полагаш поради престој во странство. Како доказ достави ги копиите од добиената виза и резервираната авионска карта. Она што останува е да видиш како ќе одговори деканот на ова барање и по кој основ евентуално ќе те одбие.
Во меѓувреме, ти предлагаме да се обратиш до службеното лице на факултетот одговорно за пристап до информации од јавен карактер и усно да побараш копија од Правилата за студирање и Правилник за внатрешни односи и работење или некој ваков сличен документ. Согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ако барањето се поднесува усно, имателот на информацијата е должен да ти одговори во рок од 5 дена.
По добиениот одговор од страна на факултетот, односно доколку ги добиеш бараните документи, може да провериме дали и како е уредено прашањето за предвремено полагање испити. Штом добиеш одговор на барањето за слободен пристап, слободно обрати ни се доколку имаш дополнителни прашања.
Доколку сакаш, можеш да се обратиш и до Студентскиот парламент при твојот факултет. Пред да го поднесеш официјалното писмено барање до Деканатот, обрати се до Студентскиот парламент и доколку добиеш поддршка од нивна страна, може позитивно да влијае при одлучувањето на Деканот за твоето барање.
Те советуваме обраќањето до Студентскиот парламент да не биде усно, туку со писмена молба/барање во која ќе ја образложиш твојата ситуација и ќе им објасниш зошто ти е потребно предвремено полагање.