Предрасудите на заедницата кон децата згрижени во Мали групни домови
27/12/2021

Пишува: Владимир Караев
Оваа колумна ја пишувам како активист кој повеќе од две децении работи со деца згрижени во установи по било кој основ. Дел од нив се без родители и родителска грижа, дел со воспитно – социјални проблеми, а дел се во конфликт со законот. Имав можност да бидам директен учесник во процесот на Деинституционализација – потребата на моделот на големи институции да се замени со други облици на заштита на корисниците (децата), овозможувајќи им еднакви можности за развој со нивните врсници во заедницата. На 28 јули 2017 година конечно почна напуштањето на Установата за згрижување деца со воспитно-запуштени проблеми (Некогашната установа 25-ти Мај). Тој ден долго ќе паметам по насмевките на децата и вработените, откако ги видоа новите услови за живот во Малите групни домови. Никогаш нема да ја заборавам радоста и реченицата кажана од едно од децата при влегување во куќата: „Ова не е дом – ова е дома“. Во секоја куќа беа сместени најмногу по 7 деца, за кои се грижеа тим од 6 стручни работници. На овој начин се овозможи децата да имаат поквалитетна грижа преку индивидуален пристап, што не беше возможно во гломазните установи претходно. Лесно беше да се предвиди дека ќе има многу предизвици уште во самата подготовка, и тоа од повеќе аспекти. Секоја промена, на самиот почеток наидува на отпор кај сите засегнати страни, што се потврди и во оваа ситуација.
- Децата се навикнати да живеат во голема заедница, која ја чувствуваат како свој дом, не свесни дека има и похуман начин на живеење.
- Заедницата декларативно се залага за подобрување на грижата на децата и го одобрува процесот, но се додека не се соочат со процесот од блиску – „ДА за процесот и Малите групни домови, но НЕ во моето сосетство“.
Менувањето на живеалиште во друга населба и менување училиште предизвика страв од непознатото и излегување од конфорната зона. Неколку месеци им беа потребни на децата да се прилагодат во новата средина. Овој период беше исклучително тежок за нив, бидејќи немаше Мал групен дом кој не се соочи со предрасудите на заедницата. Децата, иако и претходно, секојдневно беа изложени на стигматизирање од заедницата поради нивниот живот во „дом“, овој пат се соочија со жесток отпор од страна на некои од соседите. Во секоја средина имаше и искрени поддржувачи, но многу погласни беа оние кои, на секој можен начин се обидуваа да го спречат процесот. Декларативно сите ја даваа поддршката за новиот начин на грижа и вклучување на децата во заедницата, но не во своето соседство. Се потпишуваа петиции од соседи за одстранување на децата од нивното соседство, претставувајќи ги како ризик за нив и нивните деца. За жал, дел од овие соседи беа вклучени во граѓанскиот сетор како борци за човекови права, но предрасудите си го направија своето. Овие предрасуди влијаеа и кај дел од децата од соседството, кои ја слушаа од родителите „ризичната приказна“ поврзана со новите деца во одделението. Во голем дел од училиштата, каде се запишуваа децата, наидовме на предрасуди од директори, стручни служби и наставници. Овој дел од процесот, по мене беше најфрустрирачки. Професионалци, несвесни дека го кршат законот за недискриминација (да не зборувам за морал и етика), на секаков начин се обидуваа да не ги запишат децата во нивното училиште. Откако сепак беа примени во училиште, децата се соочуваа со секојдневни притисоци од дел од соучениците, а дел од нив беа и жртви на врсничкко насилство. Во таква ситуација, не само што не добиваа соодветна грижа и поддршка од стручните служби, туку беа и дополнитело виктимизирани, префрлувајќи ја секоја одговорност кон нив. Беа „дежурни виновници“ за секој проблем што ќе се случеше. Однапред беа обвинувани за дела кои не ги направиле. „Домците“ (така ги нарекуваа многумина од родителите, децата, па и наставниците) беа одговорни за секој немил настан – бланко. Тимот воспитувачи постојано разговараше со децата на овие теми. Децата во целиот период на адаптација секојдневно ги чувствуваа предрасудите во заедницата. Беше вистински предизвик да се одржат позитивни и да истраат во процесот на градење доверба. Се поттикна индивидуална одговорност и мотивација децата да покажат дека во ништо не се разликуваат од нивните врсници. И овој пат се покажа дека нивните врсници воопшто не би имале проблем во прифаќањето доколку не го чувствуваат притисокот од нивните родители, но и од некои од нивните наставници. Се работеше на нивната толеранција кон луѓето полни со предрасуди, како и за начините на справување во дадени ситуации. На крајот на учебната година, дел од децата покажаа одлични резултати во училиштето, а имаше и лидери во одделение кои беа позитивен пример за сите. Ниту едно од децата немаше слаба оценка, што беше вистинско чудо во споредба со минатиот период, додека децата беа во установата. Децата конечно беа канети на родендени од нивните врсници, секојдневно се дружеа на јавните игралишта, беа вклучени во вонучилишни активности – фотографија, танц, спорт…
Овие деца, во периодот кога остваруваат љубовни релации повторно се соочуваат со предрасудите од страна на родителите на љубовниот партнер. Многумина од нив се разделуваат токму поради тоа што се растени во установа за згрижување. Иако во текот на грижата стручните работници постојано даваат поддршка во прифаќање на нивното минато, ослободувајќи ги од секаква одговорност поради тоа, сепак, тие се принудени да ја кријат оваа приказна во многу ситуации. Дел од нив стануваат резилиентни и горди на своето минато. Има многу успешни примери каде завршуваат високо образование, успешно се осамостојуваат и формираат семејства, но, повеќето од нив остануваат ранливи во текот на целиот живот.
Предрасудите од страна на мнозинството се најголема пречка во остварувањето на правата на ранливите групи. Сите Мали групни домови, дневни центри за лица со посебни потреби, ЛГБТИ – центри и останати маргинализирани групи во континуитет се соочуваат со истите проблеми. Предрасудите се пречка во можноста за користење на потенцијалот на поединецот кој е третиран различно и етикетиран поради својата специфичност. Бидејќи се тесно поврзани со емоциите, предрасудите тешко се надминуваат, а во исто време ги ограничуваат правата на голем број наши сограѓани и им го отежнуваат и онака сложениот живот. Потребно е многу енергија, кампањи, едукација и проактивност од секој поединец во заедницата. Верувам дека младите генерации имаат поголем капацитет да направат промени на ова поле, бидејќи ние возрасните не се покажавме на висина на задачата уште од самото осамостојување на државата. Младите се покреативни, критички настроени, слободоумни и полесно ги прифаќаат промените, затоа и имам доверба дека они се клучен фактор на промените во заедницата и општеството воопшто. Целта на оваа колумна е да ги поттикнам читателите, особено младите на критичко размислување, на конструктивна бунтовност и проактивност. Да бидат солидарни, емпатични и отворени за различностите, во исто време да бидат свесни за својата моќ за влијание и поттикнување позитивни промени во заедницата. Секојдневно сум сведок на лекции одржани од страна на деца кон возрасни. Најчесто децата знаат што сакаат, слободно зборуваат за нивните проблеми и потреби, но не секогаш се сериозно слушнати и разбрани од повозрасните (родители, професионалци, институции…).
За крај, фразата „разликите се богатство“, конечно треба да биде дел од однесувањето на секој поединец, а нашиот фокус да биде насочен кон сличностите и задоволување на заедничките потреби кои се неопходни за индивидуалниот и колективен развој.
Пишува: Владимир Караев
Декември 2021