Зошто во недела ќе излезам да гласам?!
13/10/2021
Пишува: Ѓорги Георгиев
Веќе со месеци трае политичката кампања за локалните избори во државата и сме сведоци на најразлични ветувања, препукувања и по некоја анкета пласирана од некој од различните табори.
Да бидам искрен, како некој кој што “живее“ за избори и изборни кампањи воопшто не сум активен овој изборен циклус и не сум во тек со сите настани. Тоа е дел поради други обврски кои ми го пополнуваат денот, а дел поради некои од последните искуства со изборите кај нас. Едноставно, преку глава ми е од празните ветувања кои се повторуваат секој изборен циклус и ми создава чувство на мачнина кога ќе ги разгледам кандидатите за градоначалници и советници. И не верувам дека единствениот кој се чувствува вака.
Сепак, без разлика на моите лични мислења за и околу изборите, кандидатите и партиите, јас ќе излезам да гласам во недела и со овој текст ќе се обидам да објаснам зошто.
Правото на глас и нашата обврска
Согласно Уставот на РСМ секој граѓанин со наполнети 18 години се стекнува со избирачко право. Тоа избирачкото право е еднакво за сите, е општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање.
Во едно демократско општество правото на глас е есенцијално. Со правото на глас нам ни е дадена една од најважните улоги во општеството – правото да ги избираме нашите претставници во политичките процеси.
Но не секогаш било така. Да сте им рекле на Платон или Аристотел дека ќе дојде ден кога секој еден полнолетен човек ќе има право на глас, не би ви поверувале. Едноставно, почетоците на демократијата датираат од Атина, каде што сите квалификувани граѓани имале право на глас и да бидат дел од собранието кое ги утврдува законите во општеството. Меѓутоа, атинското државјанство ги исклучувало жените, робовите, странците, и младите луѓе кои биле помлади од возраста за воена служба. Ефективно, само 1 од 4 жители на Атина се квалификувале како граѓани и имале право на глас.
После тоа, во другиот град-држава на тие простори Спарта можеме да видиме како имаме собрание кое се состанува секој месец и во кое само оние кои се мажи и имаат минимум од 30 години имале право да учествуваат во него и да гласаат.
И ова е првата, онаа историската, причинина зошто јас ќе излезам во недела и зошто сметам дека секој еден од нас треба да го искористи своето уставно право на глас. Има многу примери во историјата каде што луѓе се бореле и ги изгубиле своите животи за ова право на глас да се прошири и секој еден од нас, без разлика на нашите различности, да има право да учествува во демократските процеси на едно општество.
Втората причина е едноставна: јас на учеството во изборите гледам како една обврска која секој еден од нас ја има. Не е задолжително по закон, што е случај за дваесетина земји во светот, но сметам дека е морална обврска да бидеме дел од овој процес.
Ова совршено е опишано од Франклин Делано Рузвелт, поранешен претседател на САД, кој во една прилика има изјавено: “Никој никогаш нема да го лиши американскиот народ од правото на глас освен самиот американски народ и единствениот начин како тие би можеле да го направат тоа е ако не гласаат.“
Колку ова да звучи идеалистички, земајќи во обзир каде живееме, сепак нам ни е дадено правото да одлучиме кој да не води.
Недела
На овие избори ние одлучуваме кој ќе ни ги води локалните самоуправи после недела. Не сметам дека имаме добар избор, ама сметам дека имаме избор. Ме радува и фактот што има луѓе кои ги земаат работите во свои раце па имаме независни кандидати за градоначалници (25) и уште повеќе независни листи за советници (57). Искористете ги овие следни неколку дена и разгледајте кои се вашите кандидати, нивната програма и реторика.
Па дури и да нема за кого да гласате, излезете и направете го вашето гласачко ливче неважечко. Тоа покажува дека вака сакате да бидете претставени, дека тоа е она што го правите – гласате, и не само на овие избори, туку и на сите следни избори. Бидејќи за да успее демократијата, мора да бидеме нација на учесници, а не само набљудувачи.
Ѓорги Георгиев – Дипломиран политиколог
Октомври 2021